ТУРЦИЈА СОБОРИ ДВА СИРИСКИ БОРБЕНИ АВИОНА ОТКАКО ЈА ПОКРЕНА ОПЕРАЦИЈАТА „ПРОЛЕТЕН ШТИТ“

    ТУРЦИЈА СОБОРИ ДВА СИРИСКИ БОРБЕНИ АВИОНА ОТКАКО ЈА ПОКРЕНА ОПЕРАЦИЈАТА „ПРОЛЕТЕН ШТИТ“Тензиите ескалираа пред неколку дена кога во сириски воздушен напад беа убиени 34 турски војници (Фото: Гети)

    Турција собори два сириски борбени авиона, засилувајќи ја својата воена акција во северозападната провинција Идлиб, откако ја лансираше операцијата „Пролетен штит“. Анкара соопшти дека цел на нападите биле и системи на сириската противвоздушна одбрана и тенкови.

    „Операцијата ‘Пролетен штит‘, што беше покрената по ѕверскиот напад врз турските војници на 27 февруари, успешно се спроведува“, изјави турскиот министер за одбрана Хулуши Акар.

    Изнесувајќи ги деталите од операцијата, тој кажа дека биле уништени дрон, осум хеликоптери, 103 тенкови и три противвоздушни системи и биле убиени 2.212 припадници на сириската војска. Според Сириската опсерваторија за човекови права, бројките се далеку помали, односно дека се убиени околу 100 провладини војници и борци.

    Акар додаде дека за време на операцијата единствената цел ќе бидат режимските војници и елементи во Идлиб и дека таа има самоодбранбен карактер.

    Тензиите во Идлиб ескалираа пред неколку дена кога во сириски воздушен напад беа убиени 34 турски војници. Владата во Дамаск ја има поддршката од Русија, додека Турција ги поддржува бунтовниците од Идлиб, што предизвика стравувања од поширок воен конфликт.

    „Очекуваме Русија да ги запре режимските напади. Ние не сакаме судир со Русија“, изјави Акар.

    Турција истовремено ги отвори границите за движење на сириските бегалци кон Европска Унија и 13.000 од нив беа запрени на границата со Грција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира