По скромните почетоци, Реџеп Таип Ердоган прерасна во политички џин кој за 20 години владеење ја преобликуваше Турција повеќе од кој било лидер од Мустафа Кемал Ататурк. Тој се соочува со најголемиот тест во својата политичка кариера на утрешните парламентарни и претседателски избори, додека Турција се бори со неконтролираната инфлација и се последиците од најуништувачкиот земјотрес од 1999.
Тој го преживеа обидот за пуч во 2016, но неговите шанси за останување на власт се загрозени од здружените напори на опозицијата, која, обединета како никогаш досега, ќе му се спротивстави со единствениот кандидат Кемал Киличдароглу. Тој има блага предност во предизборните анкети и неговите поддржувачи се надеваат дека ќе успее да го надмине прагот од 50% освоени гласови, за да се избегне втор круг за две недели.
Ако победи, 74-годишниот Киличдароглу вети дека одново ќе воспостави мир и демократија во земјата, додека Ердоган ветува силна, мултилатерална Турција, голем економски и туристички раст и создавање шест милиони работни места, додека истовремено го обвинува западот дека се обидува да го собори.
„Од 2017, Ердоган владее со огромни претседателски овластувања. Ако победи, нема да има големи промени. Неговите овластувања се веќе доволно широки и нема да бара нивно натамошно зголемување“, смета аналитичарот Селим Кору.
Киличдароглу, пак, најави дека ќе го укине претседателскиот систем и ќе биде непристрасен лидер, кој не се поврзува со една политичка партија.
„Ќе ја свртиме нашата надворешна политика за 180 степени. Ќе ги вратиме демократските вредности. Ќе овозможам Турција повторно да има парламент и премиер. Ќе ги оживеам независните судови и слободните медиуми“, кажа Киличдароглу, зад кого застанаа шест опозициски партии, меѓу кои и една происламистичка.
Се очекува повеќе од 64 милиони луѓе дома и во странство да гласаат на денешните избори. Ако ниеден кандидат не освои 50% плус еден глас, двајцата најдобри повторно ќе се соочат на 28 мај.