Австриската полиција уапси уште еден тинејџер кој се доведува во врска со планирањето на терористички напад на концерт на Тејлор Свифт во Виена. Медиумите објавија дека 18-годишниот Ирачанец кој престојувал во Австрија како бегалец со заштитен статус бил запознат со плановите на првоосомничениот 19-годишник со прекар Мухамед по потекло од Македонија. Се додава дека тој исто така ѝ дал заклетва на Исламска држава.
Претходно се приведени уште две лица: 17-годишен австриски државјанин со роднински врски во Хрватска, кој работел на стадионот „Ернст Хапел“, на кој требаше да пее Свифт и 15-годишник, чија улога засега не е позната. Тој бил испрашан и пуштен на слобода.
Првоосомничениот 19-годишник и 17-годишникот се во притвор во Виена и против нив е поведена постапка за припадност на терористичка и криминална организација.
Трите концерти на Тејлор Свифт беа откажани во средата поради сериозни безбедносни закани. Австриските власти кажаа дека радикализираниот 19-годишник признал дека планирал напад со експлозиви и сечила пред стадионот, а намерата му била да убие што е можно повеќе луѓе. На секој концерт се очекуваа по 68.000 фанови, плус 22.000 надвор од стадионот „Ернст Хапел“.