УАПСЕНИ 11 ЛУЃЕ ЗА УРИВАЊЕТО НА НАСТРЕШНИЦАТА ВО НОВИ САД, МЕЃУ НИВ И БИВШИОТ МИНИСТЕР ВЕСИЌ

    УАПСЕНИ 11 ЛУЃЕ ЗА УРИВАЊЕТО НА НАСТРЕШНИЦАТА ВО НОВИ САД, МЕЃУ НИВ И БИВШИОТ МИНИСТЕР ВЕСИЌВо уривањето на настрешницата на 1 ноември загинаа 15 луѓе (Фото: Танјуг)

    Единаесет луѓе се уапсени поради уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15-мина луѓе, а двајца повредени и натаму се во критична состојба. Меѓу уапсените се довчерашната и бившиот директор на „Инфраструктурата на железницата на Србија“, Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан и помошничката на министерот за железнички сообраќај Анита Димоски.

    Танасковиќ вчера поднесе оставка на својата функција, исто како и министерот за трговија Томислав Момировиќ, кој беше министер за градежништво од 2020 до 2022, кога железничката станица во Нови Сад беше реконструирана и отворена за изборите во 2022.

    Бившиот министер за градежништво Горан Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по трагедијата во Нови Сад, негираше дека е уапсен, туку кажа дека доброволно се одзвал на повикот на полицијата.

    Како што соопшти Вишото јавно обвинителство на Нови Сад, Танасковиќ, Весиќ, Димоски и Шурлан се осомничени дека го сториле кривичното дело тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност.

    „Не сум уапсен, туку доброволно се одзвав на повикот на полициските службеници, со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи“, изјави Весиќ.

    Останатите седуммина уапсени се обвинети за тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело непрописно и неправилно изведување градежнички работи.

    Обвинителството кажа дека за овие кривични дела е предвидена затворска казна до 12 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира