Австриските тинејџери кои сакале да извршат терористички напад на концерт на Тејлор Свифт во Виена сакале да убијат десетици илјади луѓе, пред ЦИА да ги открие нивните планови и тие да бидат уапсени, изјави заменик-директорот на ЦИА, Дејвид Коен.
ЦИА ги известила австриските власти за шемата, која наводно била поврзана со Исламска држава. Трите распродадени концерти на Свифт во Виена беа откажани во последен момент.
„Тие планирале да убијат огромен број луѓе на овој концерт, десетици илјади и биле доста напредни во своите планови. Австријците ги извршија овие апсења откако ЦИА и нашите партнери во разузнавачката заедница им дадоа информации за група поврзана со ИСИС која планира да изведе напад“, кажа Коен на годишниот Самит за разузнавање и национална безбедност во Мериленд.
Првоосомничениот за планирање на нападите, 19-годишник со прекар Мухамед, има потекло од Македонија и бил инспириран од Исламска држава. Тој наводно сакал да изврши напад пред стадионот „Ернст Хапел“, каде што се очекуваше да се соберат 30.000 фанови на Свифт за време на концертот, покрај оние 65.000 внатре. Во неговата куќа биле пронајдени хемиски супстанци, сечила и технички уреди.
Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека им била потребна помош од странските разузнавачи зашто во Австрија не смеат легално да се следат текстуални пораки.
Покрај 19-годишниот Мухамед, уапсени се уште две лица на возраст од 17 и 18 години, чии имиња не се објавени.