УБЕДЛИВ ПОРАЗ НА СЕПАРАТИСТИТЕ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ОТЦЕПУВАЊЕ НА АЛБЕРТА ОД КАНАДА

    УБЕДЛИВ ПОРАЗ НА СЕПАРАТИСТИТЕ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ОТЦЕПУВАЊЕ НА АЛБЕРТА ОД КАНАДАНезадоволството кон Отава е длабоко вкоренето во Алберта, но никогаш не прераснало во широка поддршка за независност (Фото: АП)

    Жителите на Алберта гласаа за останување во Канада на првиот референдум за отцепување во оваа провинција, објави „Си-Би-Си њуз“. Ова претставува важна победа за премиерот Марк Карни, кој се обидува да ја држи нацијата обединета во услови на трговска војна со САД.

    Според неофицијалните резултати од изборната комисија на Алберта по преброените повеќе од еден милион гласови, 77% се изјасниле за останување во Канада, додека 23% поддржале започнување процес за отцепување.

    Референдумот беше необврзувачки и ги праша жителите дали сакаат да останат дел од Канада или да го започнат правниот процес за одвојување, за што е потребно обврзувачко гласање.

    Премиерката на Алберта, Даниел Смит, ги поздрави првичните резултати, наведувајќи дека тие покажуваат широка поддршка за останување во Канада.

    „Жителите на Алберта гласаа за посилна Алберта во обединета Канада“, напиша Смит на социјалните мрежи.

    Анкетите и аналитичарите постојано ја отфрлаа можноста за победа на сепаратистите, повикувајќи се на податоци според кои само околу една третина од жителите во Алберта поддржувале одржување иден референдум за отцепување.

    Алберта, која располага со четвртите најголеми резерви на нафта во светот, е конзервативно упориште, чија политичка култура има повеќе заедничко со американскиот Запад отколку со поголемиот дел од Канада. Незадоволството кон Отава е длабоко вкоренето, но традиционално не прераснало во широка поддршка за независност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира