Ирачки бегалец и антиисламски активист е убиен во Шведска неколку часа пред да ја добие судската пресуда за палење Коран. Шведските медиуми објавија дека 38-годишниот Салван Момика бил застрелан во куќа во гратчето Содерталје близу Стокхолм.
Момика палеше копии на Коранот на јавни демонстрации против исламот во 2023. Судот во Стокхолм денеска требаше да им изрече пресуда на Момика и на уште еден маж за „прекршоци поврзани со агитација против етничка или малцинска група“.
„Јас сум следниот“, напиша на Икс другиот обвинет во случајот.
Шведските медиуми објавија дека Момика бил вклучен во живо на ТикТок во времето кога бил убиен. Момика се опишувал себеси како либерален атеистички критичар и мислител.
Шведска во 2023 ја подигна опасноста од тероризам на второто највисоко ниво и предупреди на закани против Швеѓани дома и во странство откако палењата на Коранот ги разгневија муслиманите. Најголем дел од овие палења ги направи Момика, еднаш и пред најголемата џамија во Стокхолм. Шведска во прв момент сакаше да го депортира, но се откажа од тоа.