УЧЕНИЦИТЕ СЕ ВРАТИЈА ВО БЕЛГРАДСКОТО ШКОЛО „ВЛАДИСЛАВ РИБНИКАР“ СЕДУМ ДЕНА ПО МАСАКРОТ, УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КАКО ЌЕ СЕ ОДВИВА НАСТАВАТА

    УЧЕНИЦИТЕ СЕ ВРАТИЈА ВО БЕЛГРАДСКОТО ШКОЛО „ВЛАДИСЛАВ РИБНИКАР“ СЕДУМ ДЕНА ПО МАСАКРОТ, УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КАКО ЌЕ СЕ ОДВИВА НАСТАВАТАМинатата среда, 13-годишниот Коста К. со пиштол уби осуммина ученици и еден чувар (Фото: АП)

    Една недела по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, учениците денеска се вратија во клупите, иако нема да има настава. Директорката на училиштето ги повика и родителите да присуствуваат на часовите, а децата поделени во групи нема да се задржуваат повеќе од 90 минути.

    Покрај наставниците, во училиштето се и експерти од Институтот за ментално здравје и психијатри од Клиничкиот центар на Србија.

    Како што објави „Н1“, не сите родители биле задоволни од решението што го понуди министерството за образование. Некои сметаат дека е рано децата да се вратат во клупите, други бараат наставата да биде онлајн до крајот на учебната година, а училиштето во меѓувреме да се реновира.

    Родителите на децата од одделението 7/2 кои настрадаа во пукањето излегоа со седум барања за надлежните органи, од кои бараат одговор во рок од седум дена. Тие, меѓу другото, бараат целосна реконструкција на настанот, комплетно реновирање на училиштето од 1 септември и да им се објасни што ќе биде со малолетниот убиец, при што му дадоа полна поддршка на наставниот кадар.

    Минатата среда, 13-годишниот Коста К. со пиштол уби осуммина ученици и еден чувар, по што ја повикал полицијата и се предал. Тој сега е сместен во специјална болница, каде што се следи неговата состојба. Две од ранетите деца и натаму се во критична состојба.

    Набргу по масакрот, Вишо јавно обвинителство во Белград соопшти дека Коста К. не може да се смета за кривично одговорен зашто сè уште нема наполнето 14 години. Исто така, не постои законска основа за негово бркање од училиштето, туку само може да биде преместен во друго.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира