УКРАИНА ЈА ПОЧНА ИСТРАГАТА ЗА МОЖНИ РУСКИ ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА ВО КИЕВСКИОТ РЕГИОН, ДОСЕГА ПРОНАЈДЕНИ 410 ТЕЛА НА ЦИВИЛИ

    УКРАИНА ЈА ПОЧНА ИСТРАГАТА ЗА МОЖНИ РУСКИ ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА ВО КИЕВСКИОТ РЕГИОН, ДОСЕГА ПРОНАЈДЕНИ 410 ТЕЛА НА ЦИВИЛИУкраина ја обвини Русија дека извршила масакр во Буча, каде што е пронајдена и масовна гробница (Фото: АП)

    Главната јавна обвинителка на Украина, Ирина Венедиктова, изјави дека во градовите околу Киев се пронајдени 410 тела на цивили, во рамките на истрагата за можни воени злосторства на Русија. Ова следува откако украинските сили ја повратија контролата врз целиот киевски регион по повлекувањето на руската војска во изминатите денови.

    Градоначалникот на Буча, оддалечен 37 километри од Киев, кажа дека руските сили убиле околу 300 жители, додека чеченските борци ја контролирале областа. Украинските обвинители до вчера успеале да влезат само во Буча, Ирпин и Хостомел, додека го проценуваат бројот на жртвите на руската инвазија.

    „Од територијата на киевскиот регион досега се собрани 410 тела на убиени цивили, од кои 140 се испитани од обвинители и други експерти. Мора да работиме со сведоци, но локалните луѓе моментално се премногу потресени за да можат да зборат“, изјави Венедиктова.

    Министерот за внатрешни работи Денис Монастирски кажа дека е јасно дека стотици цивили се убиени.

    „Многумина локални жители се водат како исчезнати. Не можеме да ги кажеме точните бројки, но станува збор за многу луѓе“, кажа тој.

    Украина ја обвини Русија дека извршила масакр во Буча, откако тела на цивили се пронајдени на улиците. Дел од нив биле со врзани раце и застрелани одблиску. Сателитските снимки од Буча откриваат и 13-метарски ров на местото каде што е идентификувана масовна гробница, што се наоѓа во рамките на црква.

    Москва ги отфрла обвинувањата за воени злосторства и кажа дека снимките од убиените цивили во Буча се нарачани од САД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира