Германските тенкови „леопард 2“ ќе бидат подготвени за борба во Украина на крајот на март, соопшти германската војска, додека руските сили го стегаат обрачот околу Бахмут. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус вчера го посети Киев, каде што се сретна со војниците кои наскоро ќе одат на обука во Германија.
„Длабоко сум импресиониран од посветеноста на украинските војници“, изјави Писториус.
Покрај модерната верзија, Данска, Германија и Холандија вчера објавија дека ќе ја снабдат украинската војска и со најмалку 100 стари тенкови „леопард 1“.
Шефот на регионот Доњецк, Павло Кириленко, вели дека Русите го засилуваат своето присуство во некои делови од источниот фронт. Запрашан дали Бахмут би можел да падне, тој одговори:
„Не исклучуваме ниедно сценарио, но преземаме мерки да не се случи тоа. Украинските бранители нема да бидат топовско месо. Сега-засега, Бахмут се држи“.
Тој додаде дека украинските сили сè уште контролираат 52% од Доњецк, еден од четирите региони кои Русија незаконски ги анектираше.
Според последните информации, руската војска и платениците на „Вагнер“ го напаѓаат Бахмут од три страни. Тие стигнале до еден од главните автопатишта кои водат кон градот и навлегуваат во предградијата. Шефот на „Вагнер“, Евгени Пригожин, кажа дека украинските сили не се во повлекување и се водат жестоки борби за секоја улица и куќа.