Украина ќе ѝ претстави изменет мировен план на Белата куќа, додека се обидува да избегне територијални отстапки на Русија. Киев ќе ги предложи алтернативите откако Володимир Зеленски уште еднаш ја отфрли можноста за предавање територии на Русија, велејќи дека нема право на тоа според украинското или меѓународното право.
Тој вчера се сретна со европските лидери како дел од колективните напори да се одврати Вашингтон од прифаќање мировен план што би ја натерал Украина на големи територијални отстапки на Русија и би ја направил ранлива на идни напади. Дипломатската турнеја на Зеленски следува откако американско-украинските разговори не доведоа до договор со кој Киев би се согласил.
„Русија инсистира да се откажеме од територии, но ние не сакаме да отстапиме ништо. Ние немаме право да го сториме тоа според украинскиот закон, нашиот устав и меѓународното право. И немаме никакво морално право“, кажа Зеленски.
Тој потврди дека првичниот американски мировен план бил намален од 28 на 20 точки, при што не била тргната ниедна проукраинска точка. Како најчувствителните елементи ги издвои контролата врз регионот Донбас и нуклеарната централа Запорожје. Првичниот план предвидувал Украина да го предаде целиот Донбас откако руските сили не успеаја да го заземат во целост за речиси четири години војување.
Друго отворено прашање во преговорите се безбедносните гаранции за Украина. Продолжуваат напорите за составување меѓународна коалиција која би нудела континуирана воена поддршка на Киев во случај на мировен договор, иако сè уште не е јасно каква форма би имало тоа. Велика Британија и Франција предложија распоредување меѓународни трупи во Украина, но Германија и Италија изразија скептицизам во врска со таа идеја.
Во неделата, Доналд Трамп кажа дека го смета Зеленски за главна пречка за обезбедување мировен договор. Тој им рече на новинарите дека Русија е задоволна со мировниот план што САД им го изложија на двете страни, но дека е „малку разочаран што претседателот Зеленски не го прочитал“.



