Владимир Путин ја обвини Украина дека извршила провокација од големи размери откако руското министерство за одбрана објави дека стотици украински војници придружувани од тенкови и оклопни борбени возила ја преминале границата и упаднале во рускиот регион Курск. Борбите и натаму се водат во оваа област, при што загинале најмалку петмина луѓе, а илјадници биле евакуирани.
Повикувајќи се на извор од руската војска, независниот руски медиуми „Новаја газета“ објави дека украинските сили напредувале 15 километри на руската територија, а линијата на фронтот е широка десет километри.
Снимки на социјалните мрежи покажуваат неколку целосно уништени згради во градот Суџа, оддалечен 10 километри од границата. Суџа е последната оперативна точка за извоз на рускиот природен гас во Европа преку Украина, а 60 километри подалеку се наоѓа и нуклеарната централа Курск.
Киев досега не ги коментираше случувањата во Курск, додека Русија вели дека го спречила напредувањето на украинските сили подлабоко на руската територија, но и дека борбите продолжуваат. Курск ноќеска беше нападнат и со дронови и ракети.
Владимир Селезњов, полковник во украинската војска, изјави за новинската агенција „Некста“ дека нападот бил превентивен, зашто 75.000 руски војници се стационираат на границата во оваа област. По руската офанзива во харкивскиот регион, Украина очекуваше напад и во северниот регион Суми. Сепак, во услови кога украинската војска се соочува со бројни недостатоци, некои воени аналитичари ја доведуваат во прашање мудроста на ваквите прекугранични упади.