Володимир Зеленски ја повика Европската Унија да докаже дека е на страната на Украина во нејзината војна со Русија, ден откако потпиша официјално барање за прием на земјата во ЕУ.
„Се бориме да бидеме еднаква членка на Европа. Европската Унија ќе биде многу посилна со нас. Без вас, Украина ќе остане осамена. Докажете дека сте со нас. Докажете дека нема да нè изневерите. Докажете дека сте навистина Европејци и дека светлината и животот ќе ги победат темнината и смртта“, кажа Зеленски во емотивното обраќање до Европскиот парламент преку видеоврска.
Тој зборуваше додека руските сили ги засилуваат нападите низ целата земја и се обидуваат да ги стават Киев и Харкив под опсада. Во денешното ракетирање на центарот на Харкив загинале најмалку десет цивили, кажаа локалните власти. Зеленски вели дека одбраната на Киев е клучен приоритет.
„Украина плаќа многу висока цена за европските идеали: илјадници убиени, две револуции, една војна и пет дена целосна инвазија. Ова ќе биде последен ден за некои наши граѓани кои ја бранат земјата. Ги даваме нашите најдобри и најсилни луѓе“, кажа Зеленски.
Шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кажа дека ЕУ сериозно ќе го разгледа „симболичкото, политичко и легитимно“ барање на Украина за членство.
„Ќе биде тешко, знаеме дека имаме различни погледи во Европа“, кажа Мишел.
Естонија, Литванија, Летонија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија и Словенија уште вчера побараа на Украина да ѝ се одобри кандидатски статус, што го поддржа и Унгарија.