Володимир Зеленски понуди Украина да се откаже од аспирациите за членство во НАТО, одржувајќи петчасовни разговори со американските претставници во Берлин за крај на војната со Русија, кои продолжуваат денеска. Тој се сретна со специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер, кои кажаа дека вчера бил постигнат голем напредок. Детали за ова не се објавени.
Советникот на Зеленски, Дмитро Литвин, кажа дека претседателот ќе ги коментира разговорите по нивното завршување.
Во пресрет на разговорите, Зеленски понудил откажување од НАТО во замена за западни безбедносни гаранции. Ова претставува голем пресврт за Украина, која бараше членство во НАТО како заштита од руски напади и дури ја вклучи желбата во својот устав. Ветувањето дека Украина нема да стане членка на НАТО е едно од клучните барања на Русија.
„Од самиот почеток, желбата на Украина беше да се приклучи на НАТО, ова се вистински безбедносни гаранции. Некои партнери од САД и Европа не ја поддржаа оваа насока. Денес, билатералните безбедносни гаранции помеѓу Украина и САД, како и безбедносните гаранции од европските колеги и од други земји, како Канада и Јапонија, се можност да се спречи уште една руска инвазија. Тоа е веќе компромис од наша страна“, рече Зеленски.
Русија исто така бара Украина да се повлече од регионот Донбас и да биде неутрална земја и се противи на распоредувањето на трупи на НАТО во Украина.
„Неприклучувањето на Украина кон НАТО е фундаментално прашање во разговорите за евентуално мировно решение“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Финскиот претседател Александер Стуб, кој е тесно вклучен во преговорите за Украина и денеска се сретна со Зеленски, звучеше позитивно пред разговорите во Берлин.
„Мислам дека сме во критичен момент во мировните преговори. Веројатно сме поблиску до мировен договор од кога било во овие четири години. Вклучените страни работат на три главни документи: рамката на мировен план од 20 точки, еден што се однесува на безбедносните гаранции за Киев и трет за обнова на Украина“, кажа Стуб.



