Украина објави дека денеска ја почнала долгоочекуваната противофанзива за ослободување на териториите на југот освоени од руските сили од почетокот на инвазијата пред шест месеци.
„Денеска почнавме офанзивни активности во разни насоки, вклучувајќи го регионот Херсон“, изјави портпаролката на јужната воена команда Наталија Хуменјук.
Украинскиот гувернер на регионот Херсон, Серхиј Клан, кажа дека украинската војска ја пробила првата линија на руската одбрана близу градот Херсон и дека се напаѓаат неколку градови.
Русија брзо освои делови од украинскиот југ долж црноморскиот брег во раната фаза од војната, додека истовремено доживеа воен неуспех на северот и околу Киев.
Во изминатите недели, украинската војска доби софистицирано западно оружје, вклучувајќи и проектили со долг дострел, што ѝ овозможи да гаѓа руски складишта на муниција и логистички центри, нарушувајќи ги руските линии на снабдување.
„Изминатата недела, погодивме повеќе од десет складишта на муниција, што несомнено го ослабна непријателот“, додаде Хуменјук.
Таа не откри детали за противофанзивата, признавајќи дека руските сили на југот и натаму се доста моќни. Гувернерот на анектираниот Крим, Сергеј Аксјонов, ги отфрли информациите за противофанзивата како „уште една лажна украинска пропаганда“.