Украина кажа дека разоткрила унгарска шпионска мрежа која собирала информации за украинската противвоздушна одбрана. Безбедносната служба СБУ притоа уапсила двајца шпиони.
„За првпат во историјата на Украина разоткривме унгарска мрежа на воено разузнавање која спроведувала шпионски активности против нашата земја“, објави СБУ.
Оттаму додаваат дека шпионската мрежа била создадена од военото разузнавање на Унгарија со цел да собира податоци за локациите на противвоздушните системи во западниот регион Закарпатија, кој граничи со Унгарија.
Според СБУ, шпионите исто така го испитувале јавното расположение на локалните жители за да го предвидат нивниот одговор во случај на упад на Унгарија. СБУ не даде назнаки дека наводниот заговор бил за помош на Русија.
„Двајцата приведени се маж и жена кои порано биле припадници на украинската војска. Тие се осомничени за предавство и се соочуваат со доживотен затвор“, кажаа властите.