Украина соопшти дека украинската војска го зазела повторно целиот киевски регион.
„Целиот киевски регион е ослободен од окупаторот“, напиша заменик-министерката за одбрана Хана Малјар на Фејсбук.
Руските трупи се повлекуваат кон Белорусија, оставајќи зад себе уништена опрема. Ослободен е и аеродромот Хостомел близу Киев, каде што се наоѓаат остатоците од уништениот Антонов Ан-225, најголемиот светски авион.
Руската војска се повлекува и околу северниот град Чернихив, кој беше под опсада речиси од почетокот на инвазијата. Гувернерот на чернихивскиот регион на Телеграм кажа дека ноќта во Чернихив и во регионот била мирна и додаде дека Русите се повлекуваат.
Западните и украинските аналитичари сметаат дека руското повлекување на северот од земјата е со цел силите да се групираат за офанзива на истокот. И Русија најави дека ќе се сконцентрира на војната во регионот Донбас.