Серија украински напади со дронови врз нафтени рафинерии длабоко на руската територија ја натераа Русија да мора да ја брани земјата, додека истовремено ја продолжува војната против соседот. Но, овие удари го постигнаа незамисливото: ја оставија Русија без доволно бензин, пишува „Политико“.
Цените на дизелот за руските потрошувачи пораснаа за речиси 10% само минатата недела, велат владини податоци, додека цената на бензинот е највисока во последните шест месеци и тој сега е поскап за повеќе од 20% во однос на почетокот на годината.
Поради украинските напади, сѐ повеќе рафинерии го суспендираат производството. Минатата среда сериозно беа оштетени две складишта на енергетскиот гигант „Роснефт“ оддалечени 500 километри од границата со Украина. Повеќе од десет рафинерии во девет руски региони беа погодени во напади со дронови оваа година, додека украинските власти велат дека нафтената индустрија е легитимна воена цел.
Како резултат на ова, Москва го намалила извозот на гориво до речиси рекордно ниско ниво, па минатата недела биле испорачани 712.000 тони дизел и бензин, во споредба со 844.000 тони во истиот период лани.
Зборувајќи за локалните медиуми оваа недела, аналитичарот на рускиот Национален фонд за енергетска безбедност Игор Јушков кажа дека цените веројатно нема да паднат во скоро време и дека Русија можеби ќе мора да увезе гориво од резервите складирани во Белорусија.