Украинските специјалци дејствуваат во Судан како поддршка на неговата регуларна армија во борбите против платениците на „Вагнер“, кои се сојузници на бунтовничките Сили за брза поддршка (РСФ). Весникот „Киев пост“ објави кратко видео добиено од извори од украинското воено разузнавање кое прикажува руски заробеник како го испрашуваат заедно со двајца Африканци.
Рускиот војник вели дека е припадник на „Вагнер“ и дека дошол во Судан од Централноафриканската Република со цел да ја собори локалната влада со уште стотина соборци.
Видеото се појави по неколку месеци шпекулации дека украинските сили дејствуваат во Судан како дел од кампањата на Киев да удри на руските интереси далеку од фронтот во Украина. Претходни видеа покажаа како украински камиказе дрон напаѓа борци на РСФ и наводна активност на украински снајперист.
Володимир Зеленски се сретна со шефот на суданската војска на аеродром во Ирска во септември, при што, како што кажа, разговарале и за активностите на вооружените групи финансирани од Русија.
Борбите во Судан почнаа во април минатата година. Бројни извештаи велат дека бунтовниците се поддржани од платеничката група „Вагнер“, која дојде под контрола на Кремљ по смртта на нејзиниот лидер Евгени Пригожин летоска.