Се засилува украинската противофанзива за ослободување на окупираниот јужен регион Херсон, велат западните воени извори.
Клучен мост кон градот Херсон е вон употреба откако украинските сили го погодиле со американските ракетни системи со долг дострел ХИМАРС, што би можело да отсече илјадници руски војници од остатокот на регионот. Сместен западно од реката Днепар, Херсон беше првиот поголем град освоен од Русите.
„Украинските сили во вторникот го ракетирале над еден километар долгиот мост ‘Антонивски‘ и го направиле целосно неупотреблив. Од политичка гледна точка, Херсон е бисер на руската окупација и негова загуба сериозно ќе ги поткопа плановите на Москва да ја прикаже окупацијата како успех“, велат западните воени извори.
Секретарот на Националниот безбедносен совет на Украина, Олексиј Данилов, изјави дека Русија сега испраќа максимален број трупи во правец на Херсон.
Новоназначените проруски власти во Херсон потврдија дека украинската артилерија сериозно го оштетила мостот „Антонивски“, што довело до прекин на сообраќајот. Тие додаваат дека врските со остатокот на регионот преку Днепар сега ќе се одржуваат со траекти и понтонски мостови.
Украинската војска со денови ги напаѓа мостовите во регионот со модерните ракетни системи добиени од САД. Западните извори велат дека тоа е дел од украинските напори да ги изолираат руските трупи, а крајната цел е ослободување на целиот регион.