УКРАИНЦИТЕ НАПРЕДУВААТ ВО ХЕРСОН, ПОТВРДИЈА ПРОРУСКИТЕ ВЛАСТИ

    УКРАИНЦИТЕ НАПРЕДУВААТ ВО ХЕРСОН, ПОТВРДИЈА ПРОРУСКИТЕ ВЛАСТИНапредокот на југот следува по големите успеси на украинските сили на истокот (Фото: АП)

    Украинските трупи ослободиле села долж десниот брег на реката Днепар во јужна Украина, напредувајќи и на вториот фронт на кој почнаа противофанзива, што следува само неколку дена откако Владимир Путин прогласи анексија на Херсон. Прорускиот шеф на управата на Херсон, Владимир Салдо, потврди дека украинските сили освоиле бројни населени места, стигнувајќи до околината на селото Дудчани, што би претставувало напредување од околу 40 километри за само еден ден.

    „Информациите се тензични. Украинците направиле пробив кај Днепар и имаат окупирано населени места“, изјави Салдо.

    Киев досега главно молчеше за противофанзивата на југот, но советникот на министерството за одбрана Антон Герашченко денеска објави снимка од украински војници во селото Михајливка, што би бил напредок од 20-ина километри.

    Напредокот на југот следува по големите успеси на украинските сили на истокот, каде што брзо ослободија голема територија, преземајќи контрола врз клучни руски линии на снабдување.

    Само неколку часа по концертот на Црвениот плоштад во Москва, на кој се славеше анексијата на четири украински региони, руската војска мораше да се повлече од Лиман, од каде што се отвора простор за напредување кон Луганск.

    Се верува дека Русија има околу 25.000 војници на десниот брег на Днепар, чии канали за снабдување се нарушени со уништувањето на главните мостови.

    Напредокот на украинските сили на југот го потврдуваат и руски блогери, што за аналитичарите е јасен знак дека Русите се во неволја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира