Украинските сили минатата недела го постигнале првиот успех со антибродските проектили „харпун“ донирани од западот, објави британското воено разузнавање.
„Мета на нападот речиси сигурно беше рускиот воен товарен брод ‘Васили Бех‘, кој доставувал оружје и персонал на Змискиот Остров во северозападниот дел на Црното Море“, се вели во денешниот британски извештај.
Украинската војска во петокот објави снимка од наводното уништување на руски брод, на која се гледа како го погодуваат два проектила. Речиси 60 метри долгиот брод бил во служба на руската морнарица од 2017 година.
„Ова е последното во серијата руски пловила кои се уништени или оштетени во Украина од почетокот на конфликтот. Украинската крајбрежна одбрана во голема мера ја неутрализираше способноста на Русија да воспостави контрола на морето и ги поткопа оригиналните планови за инвазија, кои вклучуваа и загрозување на регионот Одеса од морето“, велат британските разузнавачи.