Втора ноќ по ред продолжија украинските напади во јужниот регион Запорожје, каде што се водат жестоки борби, известија руски функционери и воени блогери. Тие велат дека украинските сили, поддржани од тенкови, артилерија и дронови, се обидуваат да напредуваат јужно од градот Орихив.
Заменичката на украинскиот министер за одбрана Хана Маљар изјави дека непријателот е во состојба на активна одбрана.
Бројни воени експерти веруваа дека во фокусот на долгоочекуваната украинска противофанзива ќе биде регионот Запорожје и дека Украина преку него ќе се обиде да пристапи до Азовското Море, со што би ги поделила руските сили во две раздвоени групи. Тоа би ги ослабнало нивните борбени способности и би го елиминирало копнениот мост кон Крим.
Институтот за проучување војна вчера објави дека украинската противофанзива е почната, додека британското министерство за одбрана кажа дека тешки борби продолжуваат во неколку сектори од фронтот и дека Украинците во повеќето области имаат иницијатива.
Неколкумина руски блогери објавија дека Украина продолжила со нападите и ноќеска, при што користи оклопни возила, артилерија и дронови. Локалниот проруски функционер Владимир Рогов изјави дека се водат активни борби во областа меѓу Орихив и Токмак. Многумина експерти сметаат дека градот Токмак е клучна цел на Украина во обидот да напредува кон Азовско Море.
Претседателот Зеленски кажа дека жестоки борби се водат и во Доњецк, додавајќи дека тие даваат резултати во подрачјето на Бахмут.