Унапредување на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, зајакнување на заедничката одбрана и подобрување на европската конкурентност, се трите врвни приоритети на претседавањето на Унгарија со Европската Унија во следните шест месеци, што официјално стартува утре и чие мото е „Да ја направиме Европа повторно велика“. Постојаниот претставник на Унгарија при ЕУ Балинт Одор кажа дека земјата има седум приоритети, на прес-конференцијата во Брисел на која ја презентираше унгарската програма за претседавањето со Унијата.
Покрај проширувањето, одбраната и конкурентноста, меѓу приоритетите на унгарското претседателство ќе бидат и зајакнување на сигурноста на надворешните граници на ЕУ, спроведување на кохезивните политики, поддршка на земјоделството и решавање на демографските проблеми на блокот. Покрај ова, Будимпешта ќе се посвети и на напредок во укинувањето на шенгенските копнени гранични контроли за Бугарија и Романија, на борбата против антисемитизмот, на промоција на дискусии на теми поврзани со високото образование, како и на заштита на европското културно наследство.
Одор рече дека во однос на проширувањето на ЕУ, „погледот на Унгарија“ ќе биде насочен кон Западниот Балкан, наместо кон Украина како што беше за време на претходните две претседателства.
„Кога станува збор за Западниот Балкан, би сакале да видиме што поголем напредок. Наша цел е да отвориме и затвориме што повеќе преговарачки кластери. Мораме да го забрзаме овој процес“, изјави Одор.
Тој најави и дека Унгарија планира да организира самит во регионот меѓу претставници на ЕУ и на шесте земји од Западниот Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Сите земји, освен Косово, имаат статус на кандидати за членство и официјално ги започнаа пристапните преговори, освен Косово, кое засега е само апликант за прием во ЕУ.
Но, освен делумно на Црна Гора, преговарачките процеси на Северна Македонија, Албанија и Србија со ЕУ се во застој, од различни причини, додека Босна и Херцеговина уште е во очекување да биде закажана првата Меѓувладина конференција на која би била усвоена Преговарачката рамка и патоказите со што би бил означен официјален почеток на преговорите. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто најави дека целта на Унгарија е преговорите со БиХ да почнат во текот на првата половина од нејзиното претседавање со ЕУ. Тој додаде дека некои земји членки на ЕУ само јавно изјавуваат дека го поддржуваат приемот на БиХ, а зад затворени врати зборуваат нешто друго и затоа побара сите унгарски дипломати активно да лобираат за старт на преговорите за членство на земјата.
Во Брисел се стравува дека Унгарија би можела да придонесе за намалување на поддршката на Унијата за Украина. Ваквата загриженост на европските политичари и дипломати произлегува од досегашните искуства со блокадите на Унгарија на исплатата на средства за поддршка на Киев од ЕУ фондовите, како и на санкциите кон Москва поради руската агресија врз Украина, но и најавата на амбасадорот Одор дека Будимпешта, која важи за најблизок сојузник на Русија во Унијата, „нема да ги промовира“ преговорите за членство на Украина и Молдавија. Но, се смета дека не е никаква новина дека секоја земја членка на Унијата се бори со сите средства за заштита и остварување на своите интереси, а кога претседава со Советот на ЕУ се очекува да ја стави политика на страна и да игра понеутрална улога.