Унгарија најави дека ќе го блокира 20-тиот пакет санкции на Европската Унија против Русија, што ги загрозува напорите на Брисел за засилување на притисокот врз Москва пред четиригодишнината од почетокот на инвазијата врз Украина. Министерот за надворешни работи Петер Сијарто на социјалните мрежи објави дека Будимпешта нема да дозволи напредок на одлуките важни за Киев сè додека не се обнови испораката на нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Овој нафтовод, кој пренесува руска нафта низ територијата на Украина до Унгарија и Словачка, беше оштетен во неодамнешните руски напади. Брисел планираше новиот пакет санкции, кој вклучува забрана за поморски услуги за танкери што пренесуваат руски фосилни горива, да биде усвоен на состанокот на министрите за надворешни работи во понеделник.
Освен санкциите, Будимпешта најави блокада и за веќе договорениот заем од 90 милијарди евра за Украина. Овие средства се клучни за земјата, која според најавите ќе остане без пари во април и се соочува со зачестени напади врз нејзината енергетска инфраструктура. Односите меѓу Будимпешта и Киев дополнително се влошија по обвинувањата на премиерот Виктор Орбан дека Украина ја поддржува унгарската опозиција пред изборите во април, што украинските власти го демантираа.
Поддршка за ставовите на Унгарија стигна и од словачкиот премиер Роберт Фицо, кој се закани дека Братислава од понеделник ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Киев доколку претседателот Володимир Зеленски не ја обнови испораката на нафта преку „Дружба“. Украина веќе побара од Европската комисија итно посредување за решавање на спорот со двете соседни држави.



