Унгарија стана прва земја од Европската Унија која ја одобри руската вакцина против ковид-19, „спутник“. Шефот на кабинетот на премиерот Орбан изјави дека здравствените власти дале зелено светло и за употреба на вакцината на „АстраЗенека“ и Оксфорд.
Министерот за надворешни работи Петер Сјарто отпатува за Москва за да разговара за договорот за испорака и дистрибуција. Првичните резултати покажале дека „спутник“ е доста ефективна вакцина.
Унгарските власти преговараат и за добивање еден милион дози од вакцината на кинеската компанија „Синофарм“, што веќе почна да се дава во Србија. „Синофарм“ неодамна објави дека нејзината вакцина дава заштита од 79%, помалку од некои други, но унгарските власти кажаа дека се принудени да побараат вакцини од други извори поради фрустрирачки бавната испорака од „Фајзер“ и „Бионтек“.