Унгарската претседателка Каталин Новак поднесе оставка откако се најде под голем притисок на јавноста зашто помилува маж осуден во случај на сексуално злоставување деца.
„Направив грешка. Денеска е последниот ден кога ви се обраќам како претседателка“, изјави Новак, која порано беше министерка за семејство во владата на Виктор Орбан.
Повеќе од илјада луѓе протестираа вчера во Будимпешта барајќи оставка на Новак, што беше побарано и од опозициските партии.
Новак помилува повеќе од 20 осуденици во април 2023, меѓу кои беше и заменик-директорот на дом за деца кој му помогнал на поранешен директор да прикрие случаи на сексуално злоставување деца во нивната установа. Ендре К. беше осуден на три години и четири месеци затвор во 2022, а доби и петгодишна забрана на вршење секаква дејност поврзана со малолетници. Помилувањето од Новак значеше дека тој би можел да се врати во својата професија.