УРАГАНОТ АЈДА ЈА ПОГОДИ ЛУИЗИЈАНА СО ВЕТРОВИ ОД 240 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС, ЊУ ОРЛЕАНС ЌЕ СЕ НАЈДЕ НА ДИРЕКТЕН УДАР 16 ГОДИНИ ПО КАТРИНА

    УРАГАНОТ АЈДА ЈА ПОГОДИ ЛУИЗИЈАНА СО ВЕТРОВИ ОД 240 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС, ЊУ ОРЛЕАНС ЌЕ СЕ НАЈДЕ НА ДИРЕКТЕН УДАР 16 ГОДИНИ ПО КАТРИНАДел од жителите одлучија да останат во Њу Орлеанс, иако властите препорачаа евакуација (Фото: ЕПА)

    Ураганот Ајда вечерва го погоди брегот на Луизијана како еден од најсилните во историјата на САД. Моќната бура од четврта категорија носи ветрови од 240 километри на час, пристигнувајќи на американското копно на истиот ден кога пред 16 години ураганот од трета категорија Катрина ги опустоши Луизијана и Мисисипи, при што загинаа над 1.800 луѓе.

    Според брзината на ветерот, Ајда засега е петтиот најсилен ураган кој ги погодил САД. Ајда забрзано се засили изминатата ноќ додека се движеше преку некои од најтоплите океански води на светот во северниот дел на Мексиканскиот Залив, при што максималната брзина на ветерот за само пет часа пораснала од 72 на 240 км/час.

    Властите наредија задолжителна евакуација на околу 930.000 луѓе. Градоначалничката на Њу Орлеанс, Латоја Кантрел, ги повика жителите доброволно да заминат, а на оние што ќе останат им порача да се подготват за долги прекини во електроснабдувањето и голема жештина. Националната метеоролошка служба на САД ги предупреди жителите на Њу Орлеанс веднаш да побараат засолниште ако сè уште не заминале од градот.

    Гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс, најави дека Ајда ќе биде посилна од Катрина и општо, најсилниот ураган кој ја погодил оваа сојузна држава во последните 170 години. Категорија 4 значи дека се очекуваат големи штети на згради, дрвја и електрична мрежа, а на некои места напливот на бурата може да биде висок и до пет метри.

    „Ајда ќе биде посилна од Катрина и тоа со голема разлика. Најлошиот дел од ураганот ќе помине низ Њу Орлеанс и Батон Руж, кои ја почувствуваа послабата страна на Катрина“, вели истражувачот на урагани од Универзитетот во Мајами, Брајан Мекнолди.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира