Привремениот јужнокорејски претседател Чои Санг-мок нареди вонредна безбедносна инспекција на целокупното работење на авиокомпанијата „Џеџу ер“, ден по најтешката авионска несреќа во земјата, во која загинаа 179 луѓе. Авионот на „Џеџу ер“ се запали откако удри во ѕид веднаш по слетувањето на меѓународниот аеродром „Муан“ на југот на земјата, при што преживеаја само двајца луѓе.
Претседателот Чои нареди истрага откако денеска уште еден авион на „Џеџу ер“ морал да се врати во Сеул набргу по полетувањето поради неидентификуван проблем со опремата за слетување. Авионот се вратил на аеродромот „Гимпо“ еден час по полетувањето откако било утврдено дека има механички дефект на опремата за слетување, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Вратениот авион бил „боинг Б737-800“, истиот модел вклучен во вчерашната несреќа. Триесет и девет од 41 авион од флотата на „Џеџу ер“ се од овој модел.
Загинатите луѓе во вчерашната несреќа биле на возраст од три до 78 години, а меѓу нив се и двајца државјани на Тајланд. Авионот се излизгал од пистата по слетувањето и удрил во ѕид, по што се запалил. Еден функционер изјави дека на авионот во прв момент не му било дозволено да слета поради опасност од судир со птици, а потоа добил дозвола за слетување од спротивната насока.