УШТЕ ТРОЈЦА ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРИТЕ ВО ГРЦИЈА, ВЧЕРА ИМАЛО 90 ЖАРИШТА НИЗ ЗЕМЈАТА

    УШТЕ ТРОЈЦА ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРИТЕ ВО ГРЦИЈА, ВЧЕРА ИМАЛО 90 ЖАРИШТА НИЗ ЗЕМЈАТАВо гаснењето учествуваат пожарникари од Грција и од 11 други земји (Фото: ЕПА)

    Се зголемува бројот на загинати во пожарите кои веќе десетина дена беснеат низ Грција. Потврдено е дека две лица починале во централната област Магнисија, а еден овчар настрада во пожар во Серес во северниот дел на земјата.

    Властите наредија евакуација на области близу два града во централна Грција, Волос и Ламија, додека земјата продолжува да се бори со пожарите и топлотниот бран. Портпаролот на противпожарната служба кажа дека вчера бил најтешкиот ден ова лето.

    Во гаснењето учествуваат пожарникари од Грција и од 11 други земји. Тие се бореле со вкупно 90 пожари, од кои 61 почнал во 24-часовен период, до 18 часот вчера.

    Најавено е дека температурите денеска значително ќе паднат, но истовремено ќе се засилат северозападните ветрови, што ќе биде нов поттик за пожарите. Властите велат дека во седум од 13-те грчки региони ќе има екстремен ризик од нови пожари, што е највисокиот степен.

    На Родос, од каде што избегаа илјадници жители и туристи, досега изгорела површина од над 10.000 хектари и се проценува дека на крајот ќе бидат зафатени 10% од островот, вклучувајќи многу заштитени природни подрачја. Некои пожарникари велат дека почнуваат да губат надеж.

    Секој ден, секоја ноќ сме тука и ништо не постигнуваме. Не можеме да го запреме огнот. Сите се ангажирани, сите се борат, но залудно“, изјави Савас Филадерис, кој е од Родос.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира