Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Русија ја започнала офанзивата за освојување на источниот регион Донбас. Руските сили ги бомбардираа градовите вчера, по што Зеленски кажа дека битката за Донбас е почната.
Оваа офанзива се очекуваше откако Русија не успеа да го освои Киев и се повлече од северот на Украина. По завршувањето на првата фаза од војната, Москва кажа дека ќе ги фокусира своите напори на целосното ослободување на Донбас, каде што се зборува руски.
Гувернерот на Луганск ја опиша ситуацијата како пекол, додавајќи дека некои градови се наоѓаат под постојани напади. Зеленски вети дека украинските сили ќе се бранат и нема да се откажат од ништо што е украинско.
„Многу голем дел од целата руска војска сега е фокусиран на оваа офанзива. Но, украинските сили ќе се борат, без разлика колку руски трупи ќе дојдат“, кажа Зеленски.
Москва минатиот месец тврдеше дека контролира 93% од регионот Луганск и 54% од Доњецк, додавајќи дека руските сили ќе се обидат да ги опколат преостанатите украински трупи во Донбас. Се верува дека Украина има меѓу 40.000 и 50.000 војници во Донбас.
„Ова е почеток на втората фаза од војната. Убеден сум дека украинските сили ќе се спротивстават на офанзивата“, изјави шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.