УЗБЕКИСТАНЕЦ ОД ФЛОРИДА БИЛ ВОЗАЧОТ НА КАМИОНЕТОТ КОЈ ГАЗЕШЕ ЛУЃЕ НА МЕНХЕТН, УБИВАЈЌИ ОСУММИНА

    УЗБЕКИСТАНЕЦ ОД ФЛОРИДА БИЛ ВОЗАЧОТ НА КАМИОНЕТОТ КОЈ ГАЗЕШЕ ЛУЃЕ НА МЕНХЕТН, УБИВАЈЌИ ОСУММИНАУште 11 луѓе се повредени во нападот, што властите го истражуваат како терористички (Фото: АП)

    Дваесет и деветгодишниот Сајфуло Саипов од Тампа, Флорида, е идентификуван како лицето кое го извршило вчерашниот напад на Менхетн, каде што со камионет влета меѓу пешаци и велосипедисти, убивајќи осуммина. Уште најмалку 11 луѓе се повредени во нападот, што властите го истражуваат како терористички.

    Саипов бил застрелан од полицајци, откако со камионетот удрил во друг автомобил. Викајќи „Господ е голем“, тој во рака држел нешто што личело на пиштол, но дополнително било утврдено дека е лажен. Тој бил превезен во болница на операција и полицијата соопшти дека се очекува да преживее.

    „Ова се чини како уште еден напад на болна и пореметена личност. Властите детаљно го истражуваат случајот“, напиша претседателот Доналд Трамп на Твитер.

    Како што објави Си-Ен-Ен, осомничениот имаат потекло од Узбекистан и во САД дошол во 2010 година. Негова последна адреса била на Флорида, но полицијата испитува и можни врски со Њу Џерси.

    „Врз основа на информациите со кои располагаме, ова е терористички чин. Ова е кукавички терористички чин, чија цел беа невини цивили“, изјави градоначалникот на Њујорк, Бил де Бјасо.

    Ова е прв напад со моторно возило во САД, откако ваков метод често беше користен од терористи во Европа во последно време, како во Ница, Лондон и Берлин.

    Шест лица беа прогласени за мртви на самото место, а уште две починаа во болница. Од повредените, никој не е во животна опасност, изјави полицискиот командир Даниел Нигро.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира