Шефот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгени Пригожин, вети дека ќе го собори военото раководство на Русија, неколку часа откако Кремљ го обвини за вооружена побуна. Пригожин кажа дека неговите борци преминале од Украина во Русија и влегле во градот Ростов на Дон, додавајќи дека ќе ги уништат сите кои ќе им застанат на пат.
Локалниот гувернер ги повика граѓаните да останат мирни и да не излегуваат надвор, зашто во Ростов на Дон биле забележани вооружени лица. Пригожин објави видеоснимка за која тврди дека е направена во седиштето на јужната команда на руската војска во Ростов и вети дека ќе тргне на Москва ако не се сретне со министерот за одбрана Шојгу и шефот на руската војска Герасимов.
„Водачите на руската војска се зло кои мора да бидат запрени. Оние кои ги убиваат нашите момци ќе бидат казнети. Барам од вас да не давате отпор. Секој кој ќе се смета за закана ќе биде уништен. Ова не е пуч, туку марш за правда“, изјави Пригожин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека претседателот Путин редовно се известува за ситуацијата. Новинската агенција „ТАСС“ објави дека ноќеска биле засилени безбедносните мерки на клучните локации во Москва.
„Во Москва се преземени антитерористички мерки, со цел да се засили безбедноста. Засилена е и контролата на патиштата“, изјави градоначалникот на Москва. Сергеј Собјанин.
Пригожин тврди дека неговите борци собориле руски хеликоптер кој отворил оган на цивилен конвој. Тој не кажа каде се случило ова.
„Вагнер“ е приватна компанија на воени платеници кои се бореа заедно со регуларната руска војска во Украина и имаа клучна улога во освојувањето на источните градови Соледар и Бахмут. Пригожин притоа постојано ги напаѓаше и критикуваше Шојгу и Герасимов поради начинот на водење на војната.
Без да изнесе докази, тој вчера ја обвини руската војска дека извела смртоносен ракетен напад на неговите трупи и вети дека ќе се одмазди. Властите го демантираа нападот и побараа од него да запре со своите „илегални активности“.