Европските лидери усвоија план, со кој се одложува излегувањето на Велика Британија од Европската Унија. Тоа требаше да се случи на 29 март, но откако планот за брегзит на Тереза Меј на двапати не помина во британскиот парламент, на Британија ќе ѝ биде понуден нов термин – 22 мај.
Услов за ова е британските парламентарци да го прифатат договорот за повлекување, за кој ќе се преговара наредната недела. Ако планот повторно не биде изгласан, Велика Британија ќе добие пократко одложување до 12 април. Лондон до тогаш ќе мора да се изјасни дали ќе има свои кандидати на годинашните избори за Европскиот парламент.
„Британските парламентарци сега се соочуваат со јасен избор и ќе имаат можност по третпат да гласаат за договорот наредната недела. Ќе работам напорно за да обезбедам поддршка за договорот. Ќе сторам сè за да обезбедам дека ќе излеземе од Унијата со договор, па да ја поведеме нашата земја напред“, изјави премиерката Меј.