Венецуелците веќе четврти ден се разбудија без електрична енергија, што ги зголеми грижите како овој досега невиден прекин ќе се одрази врз здравството, комуникациите и сообраќајот.
Претседателот Николас Мадуро изјави дека затемнувањето е резултат на саботажа на хидроцентралата Гури и за тоа ги обвини САД, но експертите велат дека ова се должи на долги години неинвестирање.
„Националниот електричен систем беше предмет на неколку сајбернапади. Како и да е, преземаме огромни напори да обезбедиме стабилно и постојано снабдување со струја во наредните часови“, напиша Мадуро на Твитер.
Колапсот почна во четвртокот попладне, што само се надоврза на веќе постојните проблеми во државата, како хиперинфлација и недостиг на храна и лекови. Без подземна железница, жителите на Каракас се принудени да пешачат со часови до работа, храната се расипува, а телефонските врски и интернет сигналот работат наизменично.
Експертите велат дека прекинот најверојатно се должи на дефекти во преносниот систем, а владата нема опрема и екипи да ги поправат.