Венецуела ќе ги вложува средствата од продадената нафта исклучиво во американски производи, кажа Доналд Трамп.
„Ме известија дека Венецуела ќе купува само американски производи со парите заработени од нашите договори за нафта. Тоа ќе вклучи земјоделски производи, лекови, медицински апарати и опрема за надградување на електричната мрежа. Венецуела се обврзува да соработува со САД како свој примарен партнер. Мудар избор и многу добра работа за САД“, кажа Трамп.
Тој најави дека вклученоста на САД во Венецуела би можела да трае со години по соборувањето на претседателот Николас Мадуро.
„Само времето ќе покаже колку долго американската администрација ќе го надгледува управувањето со Венецуела“, рече Трамп.
Белата куќа објави дека САД ќе ја контролираат продажбата на санкционираната венецуелска нафта на неодредено време, што ќе биде начин на влијание врз тамошната привремена влада.
Вашингтон претходно олесни дел од санкциите за Венецуела за да се овозможат транспортот и продажбата на нејзината нафта на светските пазари. Трамп оваа недела изјави дека привремената влада на Венецуела ќе им предаде на САД меѓу 30 и 50 милиони барели нафта, која ќе се продава по пазарни цени.
Венецуелската државна нафтена компанија „ПДВСА“ потврди дека разговара со САД за продажба на венецуелската сурова нафта.
„Основата за трговијата се транспарентност и заемна корист“, соопшто таа.
Производството на нафта во Венецуела се намали како резултат на лошото управување од страна на владата на Мадуро и неговиот претходник, како и поради долгогодишните санкции од САД.



