Доналд Трамп изјави дека верува оти Украина со помош од Европска Унија и НАТО може да ја врати целата своја територија окупирана од Русија од почетокот на војната. Трамп, кој се сретна со Володимир Зеленски во Обединетите нации, претходно велеше дека Русија и Украина ќе мора да разменат територија за да ја завршат војната.
„Со време, трпение и со финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, враќањето на оригиналните граници од кои што почна војната е можно“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Тој ја критикуваше Русија што продолжува со војната, велејќи дека се бори бесцелно во војна што вистинска воена сила би ја добила за помалку од една недела.
„Русија изгледа како тигар од хартија. Путин и Русија се во голема економска неволја и време е Украина да дејствува. САД ќе продолжат да го снабдуваат НАТО со оружје и НАТО може да прави со него што сака“, кажа Трамп.
Трамп во претседателската кампања тврдеше дека брзо ќе ја реши војната во Украина зашто има добри односи со Владимир Путин, но во последно време признава дека не очекувал дека ќе биде олку тешко. Пред средбата со Путин на Алјаска тврдеше дека Русија победува, а Украина губи.