Манипулациите со информации и странското мешање бележат голем пораст и длабока трансформација во текот на 2025 година, покажува четвртиот извештај на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). Во изминатата година се детектирани 540 операции ширум светот, во кои биле вклучени 10.500 профили и веб-страници, генерирајќи десетици илјади содржини со глобален дофат.
Франција е втората најчеста цел на ваквите напади во Европа, веднаш по Украина, со вкупно 107 регистрирани инциденти. Овие операции најчесто се поврзуваат со Русија и Кина и се сметаат за дел од стратегиите за хибридно војување. Главни цели се изборните процеси, демократските институции и стабилноста на западните општества.
Значаен пресврт е масовната интеграција на вештачката интелигенција, која е забележана во 27 отсто од случаите. Тоа претставува зголемување за 259 проценти во споредба со претходната година. Преку дипфејк снимки, клонирање гласови и автоматски генерирани текстови на различни јазици, злонамерни актери се обидуваат да го преплават информативниот простор и да предизвикаат когнитивна дестабилизација кај граѓаните.
Како одговор на овие закани, Франција во февруари 2026 година усвои Национална стратегија за борба против манипулации со информации. Овој документ предвидува четири клучни приоритети: мобилизација на нацијата, регулација на дигиталните платформи, зајакнување на капацитетите за одбрана и заштита на слободниот информативен простор заедно со сојузниците. Извештајот повикува на премин кон активна стратегија за одвраќање со цел да се зголемат трошоците за актерите кои вршат вакви влијанија.



