„ВИДОВМЕ МОЛЊА КАКО УДИРА ВО МОСТОТ И ПОТОА СЕ УРНА“ – НАЈМАЛКУ 35 ЗАГИНАТИ ВО ЏЕНОВА

    „ВИДОВМЕ МОЛЊА КАКО УДИРА ВО МОСТОТ И ПОТОА СЕ УРНА“ – НАЈМАЛКУ 35 ЗАГИНАТИ ВО ЏЕНОВАМостот Моранди се смета за бисер на италијанското инженерство, а во моментот на несреќата се работело на негово дополнително зајакнување (Фото: АП)

    Бројот на загинати во денешното уривање на мостот Моранди во Џенова се зголеми на 35, но властите стравуваат дека ова не е конечна бројка.

    Десетици метри од средишниот дел на мостот се урнаа околу 11.30 часот по локално време среде големо невреме.

    „Беше околу 11.30 часот кога видов молња како удира во мостот. Потоа видовме мостот како паѓа. Сите многу се уплашивме. Сообраќајот нагло запре и градот се парализираше“, изјави еден сведок за агенцијата „Анса“.

    Еден километар долгиот мост, што се наоѓа на автопатот што ги поврзува Италија и Франција, е изграден во 60-ите години и обновен во 2016 година, а во моментот на несреќата се работело на негово дополнително зајакнување. Делот што се урна ја преминува реката Полчевера. Возилата и остатоците паднаа од височина од сто метри врз пруга и складиште.

    „Засега има 13 повредени. Сите досега познати жртви биле во возилата што паднале од мостот. Ангажирани се и кучиња-трагачи. Работиме како во услови на земјотрес“, изјави шефот на италијанската цивилна заштита, Анџело Борели.

    Се верува дека во моментот на уривањето на тој дел од мостот имало околу 20 автомобили и камиони. Спасувачките екипи успеале да извлечат и неколку живи луѓе од урнатините.

    „Тешко е да се даде сериозна хипотеза во овој момент. Некои велат дека гром удрил во кабел на мостот и го прекинал, но рано е да се зборува за причините. Овој мост беше бисер на италијанското инженерство, бидејќи кога се градеше, се користеа нови инженерски технологии“, вели Андреа Монтефушо, експерт по инженерство од универзитетот „Луси“ во Рим.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира