Болка и гнев се измешани во Италија ден по една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата, откако во уривањето на мостот Моранди во Џенова загинаа најмалку 39 луѓе.
Бројката на загинати сѐ уште не е конечна и спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по евентуални преживеани меѓу тони и тони бетон и железо, откако од мостот паднаа 40-ина возила.
Причината за уривањето на мостот не е позната, но властите повикаа на одговорност и оставки, пред сѐ, на првиот човек на Италијанските автопатишта (Аутостраде).
„Тие што се одговорни за несреќата имаат име и презиме и се викаат Италијански автопатишта. Ни кажуваа дека мостот е сигурен и дека не постои страв од уривање. Аутостраде требаше да го одржува, но не го правеше тоа. Ова не смее да помине неказнето“, изјави вицепремиерот Луиџи ди Мајо.
Стотици пожарникари се на местото на несреќата. Досега се идентификувани 37 од 39-те жртви и меѓу нив три се деца. Во болници се 16 повредени, од кои 12 сериозно.
„Не се откажуваме од надежта. Досега спасивме десетина луѓе од урнатините. Ќе работиме додека не го пронајдеме и последниот преживеан“, изјави шефот на пожарникарите Емануеле Гифи.
Поранешниот голман на Калјари, Давиде Капело, се чуди како преживеал пад од 30 метри.
„Успеав да излезам од возилото. Не знам како не беше уништено. Изгледаше како сцена од филм, како апокалипса“, изјави Капело.
За состојбата на мостовите во Италија подолго време се води дебата. Според „Кориере дела сера“, ова е петто уривање на мост во последните пет години.