Специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, минатиот месец му рекол на високиот функционер на Кремљ Јури Ушаков дека за да се постигне мир во Украина треба Русија да го добие целиот Доњецк и можеби да се направи уште една размена на територии, според протечен разговор објавен од „Блумберг“.
Во телефонски разговор од 14 октомври, Виткоф му рекол на советникот за надворешна политика на Путин дека територијални отстапки се неопходни, советувајќи го да му честитаат на Трамп и да бидат пооптимистични во разговорите.
„Знам што ќе биде потребно за да се постигне мировен договор: Доњецк, а можеби и размена на територии некаде. И наместо да зборуваме така, ајде да разговараме со повеќе надеж, бидејќи мислам дека ќе постигнеме договор“, му рекол Виткоф на Ушаков за време на петминутниот разговор, според транскриптот на „Блумберг“.
Ушаков ја потврди автентичноста на разговорот, обвинувајќи дека протекувањето имало за цел да ги наруши мировните разговори.
Трамп го бранеше Виткоф, велејќи дека неговиот пристап кон Русите бил стандардна преговарачка процедура.
„Тоа е стандардна работа. Тој мора да ѝ го продаде ова на Украина, мора да ѝ ја продаде Украина на Русија. Тоа е она што го прави некој кој склучува договори. Не сум го слушнал разговорот, но слушнав дека било стандардно преговарање. И претпоставувам дека истото ѝ го кажува на Украина, бидејќи секоја страна мора да дава и да зема“, кажа Трамп.
Според објавените транскрипти, Виткоф го советувал Ушаков да договори телефонски повик помеѓу Трамп и Путин и како да го придобијат американскиот претседател.
„Можете да му честитате на претседателот за ова достигнување, да му кажете дека го поддржувате, дека го почитувате тоа што тој е човек на мирот и дека сте навистина среќни што ова се случува. Би го кажал тоа. Мислам дека тоа ќе биде навистина добар повик“, вели Виткоф, со што Ушаков се согласува.
Во исто време, „Ројтерс“ објави дека првичниот американски план со 28 точки се базирал на руски документ што ѝ бил доставен на владата на Трамп во октомври, по неговата средба со Володимир Зеленски. Според три добро упатени извори, документот го содржел добро познатиот руски наратив за условите за преговарање, како отстапување територии.
Откако излезе во јавност минатата недела, некои американски пратеници го опишаа планот како список на руски желби. Оригиналниот план беше изменет на американско-украинските разговори во Женева викендов и намален на 19 точки, откако Киев и европските лидери изразија загриженост дека тој премногу ја фаворизира Русија.



