Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, го повика рускиот претседател Владимир Путин да размисли за продолжување на мировните преговори со Украина со посредство на САД и да разгледа нови идеи за ставање крај на војната.
Деветтата средба на Виткоф со Путин се одржа во царска палата во Санкт Петербург, а започна со гест на добра волја од страна на Русија, која го ослободи Стивен Хабард, кој беше осуден на седум години затвор откако беше заробен како војник во Украина.
Путин му понудил помош на Доналд Трамп околу Иран, наведувајќи дека Русија има повеќедецениски добри односи со Техеран. Тој му кажа на Виткоф дека Русија би можела да испорача и големи количества ѓубриво во САД за да им помогне на американските земјоделци.
„Една работа што се надевам дека ќе ја постигнеме денеска е да водиме добар разговор за можно продолжување на трилатералните разговори помеѓу Украина, Русија и САД. Дури и ако денеска не дојдеме до решение, важно е самото тоа што ќе разговараме и ќе разгледаме кој би можел да биде следниот чекор. Светот чека да слушне за тоа“, изјави Виткоф, кој вчера разговараше со Володимир Зеленски во Осло.
Последните мировни преговори со посредство на САД се одржаа во февруари, пред САД и Израел да започнат војна против Иран. Украина и Русија остануваат оддалечени во однос на условите за каков било мировен договор, но Трамп неодамна го засили притисокот врз Украина да постигне некаков договор. Тој вчера изјави дека е време Украина да ја заврши војната, во спротивно „ќе се соочи со нешто многу лошо“.
Путин досега не покажуваше дека е подготвен за компромис во однос на своите главни воени цели, кои вклучуваат целосна руска контрола врз регионот Донбас.



