Јеменските владини сили, поддржани од Саудиска Арабија, зазедоа клучни позиции во теснецот Баб ел-Мандеб, соопштија воени и владини извори, откако беше објавено дека започнуваат сеопшта војна против хутите.
Владините сили зазедоа големи делови од округот Дубаб, кој се наоѓа над Баб ел-Мандеб и преземаат целосна контрола врз областа со силна воздушна поддршка од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, изјавија за „Ројтерс“ три воени извори и еден владин извор. Хутите го демантираа ова.
Шефот на меѓународно признатата влада на Јемен, Рашад ал-Алими, објави дека ќе започнат целосна војна во обид да ја преземат целата територија што ја држат хутите.
„Денеска го објавувам почетокот на воените операции за повторно заземање на преостанатата територија на републиката и за проширување на авторитетот на државата и нејзините институции на целата национална територија“, кажа Ал-Алими во телевизиско обраќање.
Саудиска Арабија, која ги вооружува и обучува јеменските владини сили, ја поддржува воената кампања со воздушни напади и побара логистичка помош од сојузниците за да ги потисне хутите, да го врати слободниот сообраќај во Црвеното Море и да ги прекине нападите на групата врз нејзина територија.
Иако војната беснее на неколку фронтови во Јемен, најтешките борби се водат во крајбрежната област во близина на теснецот Баб ел-Мандеб и на ридовите околу градот Таиз, каде што хутите се обидуваат да ги опколат владините сили.
Јемен е една од најсиромашните земји во светот. Војната избувна во 2014, кога хутите го зазедоа главниот град Сана, по што освоија и делови од северниот дел на земјата.



