ВЛАСТИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ИНВАЗИЈАТА НА ПРИВРЗАНИЦИТЕ НА БОЛСОНАРО БИЛА ПЛАНИРАНА ДВЕ НЕДЕЛИ, СЕ ИСТРАЖУВА КОЈ ГИ ПЛАТИЛ АВТОБУСИТЕ ДО БРАЗИЛИЈА

    ВЛАСТИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ИНВАЗИЈАТА НА ПРИВРЗАНИЦИТЕ НА БОЛСОНАРО БИЛА ПЛАНИРАНА ДВЕ НЕДЕЛИ, СЕ ИСТРАЖУВА КОЈ ГИ ПЛАТИЛ АВТОБУСИТЕ ДО БРАЗИЛИЈАБезбедносните сили по три часа ја повратија контролата врз трите згради, растурајќи ја толпата со солзавец (Фото: Гети)

    Во Бразилија денеска е мирно по вчерашниот упад на приврзаниците на бившиот претседател Жаир Болсонаро во парламентот, врховниот суд и претседателската палата, додека полицијата кажа дека се уапсени најмалку 400 луѓе. На безбедносните сили им требаа три часа да ја повратат контролата врз трите згради, растурајќи ја толпата со солзавец.

    Бразилските власти почнаа истрага откако демонстрантите не наидоа на силен отпор при влегувањето во трите федерални згради, во кои што кршеа прозорци, мебел и компјутери и уништуваа уметнички дела. Министерот за правда Флавио Дино изјави дека се бараат оние кои платиле за автобускиот превоз на демонстрантите до главниот град. Гувернерот на Бразилија е отстранет од функцијата на 90 дена зашто не презел ништо за да ги запре нередите.

    „Тие нема да успеат да ја уништат бразилската демократија. Нема да дозволиме политичките пресметки во Бразил да се водат на криминален начин“, изјави Дино.

    Тој вели дека инвазијата била планирана најмалку две недели на социјалните мрежи, каде што на учесниците им се нудеа превоз, јадење и вода.

    Врховниот суд ѝ нареди на војската да ги растури камповите на приврзаниците на Болсонаро поставени низ земјата, а на полицијата да ги уапси демонстрантите кои сè уште се на улица. Поддржувачите на Болсонаро кампуваа пред воени бази од неговиот пораз на изборите на 30 октомври, при што бараа војската да интервенира и да го собори новоизбраниот претседател Лула да Силва.

    Лула го обвини Болсонаро дека ги поттикнал демонстрантите со своите неосновани тврдења за изборна измама. Болсонаро, кој се наоѓа во Флорида, ги отфрли овие обвинувања и ги осуди нередите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира