Осумнаесетгодишен австриски државјанин по потекло од Македонија е уапсен во Австрија под обвинение дека планирал да направи бомба за да изврши терористички напад.
Според австриските медиуми, властите почнале да го следат во средина на овој месец откако добиле дојава од странска разузнавачка агенција. Тој на интернет покажувал интерес за правење експлозивни направи и за напаѓање објекти на западот и неговите планови се сметале за конкретни.
Младиот жител на регионот Горна Штаерска притоа бил означен како поддржувач на исламистичка терористичка организација од странство, поради што јавниот обвинител на Лебен наредил негово апсење и било следено негово движење. Тој бил уапсен во неделата без да даде отпор, откако се вратил од Македонија, каде што бил во посета на роднини.
При испрашувањето, тој соработувал, но негирал дека планирал да изврши терористички напад. Од полицијата кажаа дека тој претходно не им бил познат на државните органи за безбедност, пренесе новинската агенција АПА.