Во Белград ќе има повторени избори, по два неуспешни обиди да се одржи конститутивната седница на градското собрание, соопшти потпретседателот на Главниот одбор на владејачката Српска напредна партија (СНС) Александар Шапиќ, по денешната седница на Претседателството. Тој додаде дека за датумот на изборите ќе се одлучи подоцна. Шапиќ лани во октомври поднесе оставка од функцијата градоначалник на Белград.
Тој најави дека на избори ќе одат на „најширок можен фронт, преку големо движење“ со сите кои сметаат дека „се води политика за напредок на Белград“.
На изборите лани на 17 декември ниту една листа или партија не освои доволно гласови за да формира власт во Белград. Масовните протести за поништување на изборите започнаа ден по парламентарните и локалните избори на кои победи владејачката Српска напредна странка. Опозициската широка коалиција „Србија против насилство“ ги отфрли како лажирани изборите за локалната власт во Белград и оттогаш бараше поништување на гласањето во главниот град и нови избори. Дел од политичарите од опозицијата започнаа и штрајк со глад, и најавија дека тој ќе трае до исполнување на нивните барања. Протестот на 25 декември го одбележаа бројни инциденти, граѓаните фрлаа камења и кршеа стакла од прозорите на Собранието, додека полицијата врз нив повеќе пати употреби солзавец.
Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ соопшти дека владејачката Српска напредна странка имала нефер предност на изборите поради пристрасност на медиумите, несоодветно влијание од претседателот Александар Вучиќ и изборни нерегуларности, како купување гласови.