Три лица кои се сомничат за шпионирање за Русија се уапсени и обвинети во Велика Британија, во голема истрага за нарушување на националната безбедност. Тројцата бугарски државјани биле уапсени во февруари оваа година и оттогаш се во притвор.
Се наведува дека тие работеле за руските безбедносни служби. Обвинети се за поседување лажни лични документи со „несоодветна намера“. Овие документи вклучуваат пасоши, лични карти и други документи за Велика Британија, Бугарија, Франција, Италија, Шпанија, Хрватска, Словенија и Чешка.
Тројцата уапсени се идентификувани како Орлин Русев (45), Бисер Џамбазов (41) и Катрин Иванова (31), кои неколку години живееле во Англија и работеле разни работи. Русев долги години имал деловни односи со Русија, додека Џамбазов и Иванова наводно биле во врска.
Судењето треба да почне во јануари. Тројцата Бугари досега не се изјасниле по обвинувањата.