Бугарското министерство за одбрана испрати специјален тим да испита и деактивира дрон со експлозивна направа, кој синоќа беше пронајден кај крајбрежното црноморско село Тјуленово. По инспекцијата ќе биде решено како дронот ќе се онеспособи.
Дронот бил пронајден од еден граѓанин синоќа, но претставници на војската пристигнале на местото дури утрово. Засега не е познато дали дронот е руски или украински.
„Проценката беше дека нема потреба да се реагира во текот на ноќта, зашто така уште повеќе би се зголемил ризикот. Со сигурност можеме да претпоставиме дека дронот има врска со војната во Украина“, изјави бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев.
Дронот не бил детектиран од бугарските воздушни сили.
„Вакви летала тешко се откриваат од стандардните противвоздушни системи, мали се и летаат ниско“, додаде Тагарев.
Премиерот Николај Денков изјави дека прво треба да се утврди од каде дошол дронот. Бугарските власти известија дека дронот бил долг меѓу три и три и пол метри и имал контејнер со експлозив во него. Според еден бугарски воен експерт, станува збор за напаѓачки дрон кој може да прелета околу 300 километри и да носи 5-10 килограми товар.
Неодамна, романската војска пронајде остатоци од дрон на брегот на Дунав, за кој се верува дека е руски. Тјуленово се наоѓа само 70 километри од романската граница.