ВО БУНДЕСТАГОТ СЕ СКАРАА ЗА ПРИСТАПУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, ЗЕЛЕНИТЕ ЈА ОБВИНИЈА МЕРКЕЛ ДЕКА ГО КОЧИ ПРОЦЕСОТ

    ВО БУНДЕСТАГОТ СЕ СКАРАА ЗА ПРИСТАПУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, ЗЕЛЕНИТЕ ЈА ОБВИНИЈА МЕРКЕЛ ДЕКА ГО КОЧИ ПРОЦЕСОТМинистерството за надворешни работи уште на 8 мај го известило Бундестагот дека треба да се изјасни за почетокот на преговорите (Фото: ДПА)

    Германскиот парламент денеска го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО, но опозицијата во исто време ја обвини канцеларката Ангела Меркел дека се двоуми дали земјата треба да ги почне преговорите со Брисел за пристапување кон Европската Унија, објави „Дојче веле“ на македонски јазик.

    Ова прашање го покрена пратеникот од редовите на Зелените Јирген Тритин, истакнувајќи дека за ова постои судир во самата влада.

    „Канцеларката е против, а Министерството за надворешни работи се залага Македонија да ги почне преговорите. Желбата на граѓаните на Северна Македонија не е да бидат дел само од НАТО, туку и од Европска Унија. Се сомневам дека канцеларијата на Меркел и ЦДУ сакаат да ја одложат оваа дебата сѐ додека Нова демократија не дојде на власт во Грција, за потоа да се блокира пристапувањето на Северна Македонија во Европска Унија“, изјави Тритин.

    Тој потсети дека Министерството за надворешни работи уште на 8 мај го известило Бундестагот дека треба да се изјасни за почетокот на преговорите.

    „Зошто ова прашање не се става пред Бундестагот? Дали граѓаните на Северна Македонија треба да се третираат како Европејци од втора класа?“, кажа Тритин.

    Пратеникот од ЦДУ Кристијан Шмит му одговори на Тритин дека неговите ставови немаат врска со реалноста и ја пофали улогата на Македонија на Балканот.

    „Стратешки интерес на Германија е земјите од Западен Балкан да станат дел од ЕУ и за почетокот на преговорите со Македонија наскоро ќе се разговара“, кажа Шмит.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари