Доналд Трамп изјави дека во Газа навистина има глад и дека приоритет број еден е луѓето да се нахранат. Тој најави дека САД ќе отворат центри за храна во палестинската енклава.
„Сакаме да помогнеме, сакаме да ги нахраниме децата. Ситуацијата во Газа е ужасна и мора да помогнеме врз хуманитарна основа. Ќе поставиме центри за храна каде што луѓето ќе можат да дојдат и тие нема да имаат ограда. Лудо е што луѓето моментално можат да гледаат храна која стои зад ограда, а не можат да ѝ пристапат“, кажа Трамп.
Тој додаде дека САД обезбедиле хуманитарна помош од 60 милиони долари и додека други држави ќе мора да ги следат.
„Ние даваме многу пари и многу храна и други држави мора да истапат. Таму е хаос. Тие луѓе мора веднаш да добијат храна и безбедност“, рече Трамп.
Израел не спроведува кампања на изгладнување во Газа и нема глад во Газа, рече вчера премиерот Бенјамин Нетанјаху.
„Тоа е дрска лага. Израел овозможил да пристигне количината на храна што е потребна според меѓународното право. Хамас ја краде хуманитарната помош и потоа го обвинува Израел дека не ја испорачува“, кажа Нетанјаху.
Израел вчера почна со дневни десетчасовни паузи во воени операции и отвори нови коридори за достава на храна и лекови во Газа, додека Јордан и Обединетите Арапски Емирати исфрлаат тони помош од воздух. Шефот за хуманитарна помош во ОН Том Флечер изјави дека Израел олеснил некои ограничувања и дека од вчера повеќе од 300 камиони со помош влегле во Газа.